Министерството за внатрешни работи, во соработка со Европол и полициските служби од регионот, спроведува меѓународна кампања „Кажи не!“, насочена кон заштита на децата и младите од сексуална злоупотреба на интернет.
Од МВР предупредуваат дека споделувањето фотографии и видеосодржини, комуникацијата со непознати лица и злоупотребата на стекнатата доверба можат да ги изложат децата на сериозни опасности во дигиталниот простор.
Целта на кампањата е да се подигне свеста кај децата, младите, родителите и јавноста за препознавање на ризиците и навремено спречување на сексуалната злоупотреба преку интернет.
Од Министерството нагласуваат дека заштитата на децата е заедничка одговорност и апелираат за поголема внимателност, информираност и пријавување на сомнителни ситуации.
„Кажи НЕ на злоупотребата. Кажи НЕ на споделувањето интимни содржини. Заштити се себеси и другите“, порачуваат од МВР.

