Вештачката интелигенција повеќе не е само технологија на иднината, туку реалност и голема можност која мора да се искористи преку создавање соодветна правна и административна рамка, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на 21. годишна конференција на МАСИТ.
Тој нагласи дека државните цели се дефинирани во стратегијата SMART MK 2030, при што особено значење се дава на инвестициите во податочни центри како двигатели на економскиот раст.
„Направивме законски измени што овозможуваат да се создаде една правна рамка кај Законот за урбанистичкото планирање и Законот за градењето, со цел да може да се развиваат податочни центри. Ако го видите во овој момент светот, ќе видите дека државите што одржуваат сериозен раст на бруто-домашниот производ, го одржуваат баш поради овие два сегменти: развојот на вештачката интелигенција и развојот на податочните центри. Ако видите зошто капиталот поскапува во моментот на светските пазари, тоа е затоа што најголем дел од пласманот на капитал е токму во овие два сегменти. Прашањето е дали ние ќе фатиме чекор или ќе заостануваме. Прашањето е дали ќе одиме во оваа насока или ќе одиме во некои други насоки, кои не мислам дека се развој на државата“, изјави Николоски.
Вицепремиерот информираше дека во соработка со Министерството за дигитална трансформација веќе се подготвува теренот и регулативата за првиот државен национален податочен центар, упатувајќи повик и до приватниот сектор.
„Тоа ќе биде една државна потврда и показател каде треба да се развиваат работите, а се надевам дека многу бргу ќе можеме да го имаме како инвестиција и првиот приватен податочен поголем центар. Вратите се отворени во Владата, во министерствата. Доколку имате такви бизнис-идеи, повелете заеднички да ги разгледаме и да дадеме поддршка онаму каде што можеме“, рече Николоски.
Во делот на транспортот, тој најави дигитализација на патната и железничката инфраструктура преку интелигентни транспортни системи (ИТС), наведувајќи дека соодветната законска регулатива е во завршна фаза на консултации.
„Тоа е дел и од барањата на Европската Унија во рамките на планот за раст. Веќе петте закони се готови и се на финална консултација во Брисел. Очекувам оваа недела да добиеме повратен, потврден одговор. Очекувам до крајот на следната година или почетокот на 2028 година, на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, веќе да имаме имплементиран интелигентен транспортен систем и потоа да почнеме да работиме на Коридорот 8. Во делот на железницата, во моментот на системот ЕНЕР за јавна консултација се исто така пет закони, кои се дел од истиот овој пакет, по што, по нивното усвојување, се надевам некаде до средината на следна година, ќе можеме да зборуваме и за интелигентни транспортни системи во железницата. Во рамките на проектот што го имаме за брза пруга на Коридорот 10, наша дефинитивна одлука е да одиме со најновиот систем EMTC S2. Особено по она што се случи во Грција пред неколку години и она што се случи во Шпанија пред речиси 1 месец, сметаме дека безбедноста мора да е на највисоко ниво и доколку сакаме да имаме автономно управување на возовите, односно човечкиот фактор да е сведен на минимум, тогаш мора да имаме и најмодерни системи што тоа ќе го прават“, потенцира Николоски.
На крајот, тој додаде дека забрзано се работи и на националниот едношалтерски систем, како и на нов систем за дигитализација на патната такса.

