Политичките предизвици во земјава и регионот, европската перспектива на Македонија,
односите со соседите и стабилноста на владејачката коалиција се дел од темите во инетервјуто за
Прес 24 на политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Арсовски предупредува дека идејата за измени на Кривичниот законик, во делот за сакнкции кон
сензитивни информации за банкарскиот сектро а не смеат да станат механизам за ограничување
на новинарските слободи, особено кога станува збор за јавни прашања и предупредувања за
можни проблеми.
-Банките зависат од довербата, па со тоа неодговорна изјава може да направи сериозна штета, но
тоа не смее да биде причина никој да не поставува прашања, или зад тоа да се сокрие уште еден
механизам за ограничување на новинарските слободи и права. Законот мора јасно да разграничи
намерно ширење лаги, од, на пример, новинарско истражување или предупредување за
вистински проблем, вели Петар Арсовски во интервјуто за Прес 24.
Зборувајчи за европскиот пат на Македонија, тој оценува дека уставните измени остануваат дел
од европските услови, а ветувањата за подобар договор со соседите мора да бидат проследени со
конкретен план.
Уставните измени веќе се дел од европските услови и засега не гледам основа да очекуваме дека
тој услов ќе исчезне. Може да се бара поголема сигурност за понатамошниот процес и посилен
ангажман од европските партнери против нови блокади. Тоа би имало смисла, но само после
евентуалните уставни измени. Но, ако само повторуваме дека ќе издејствуваме подобар договор,
без да објасниме како и до кога, тогаш повеќе водиме домашна кампања отколку надворешна
политика, посочува тој.
Арсовски се осврнува и на политичките промени во Србија и нивното можно влијание врз
регионот.
-За соседите ќе биде важно дали Белград ќе ги почитува нивните одлуки и кога тие не му се
допаѓаат, односно дали патернализмот карактеристичен за претходната власт ќе стивне.
Подемократска Србија би била добра вест за целиот регион, но за вистинска промена ќе судиме
според постапките на новите власти – тие пред себе имаат многу предизвици, најнапред
домашни, и за вистинската политика кон регионот е рано да се анализира, потенцира Арсовски за Прес 24.
Дали спорот меѓу коалициските партнери во Македонија околу правосудниот испит, може да
предизвика предвремени избори, според Арсовски тој конфликт може да се претвори во политички театар, но не ја исклучува можноста да стане повод за предвремени парламентарни
избори.
-Кавгата околу правосудниот испит е сериозна, но на коалициските партнери им одговара и да
покажат пред своите гласачи дека цврсто ги бранат нивните интереси, па тоа може на крајот да
заврши како политички театар. Тоа не значи дека сите се подготвени да ја напуштат власта.
Мислам дека повеќе ќе тежи проценката на ВМРО-ДПМНЕ дали со избори напролет може да
добие посилен мандат и дали подоцна условите би биле понеповолни. Ако таа пресметка оди во
прилог на избори, овој спор лесно може да стане повод, вели Петар Арсовски во интервјуто за
Прес 24.
ПРЕС 24: Последниот извештај на Европската Комисија ја поттикна Владата во реализација на
преземените обврски од рефромската агенда. Во тој контекст се и најавите за конечно
влегување во собраниска процедура на новиот кривичен законик. Што очекувате од оваа
дебата, дали на крајот овој закон ќе име накаква поширока политичка поддршка?
АРСОВСКИ: Мислам дека поширока поддршка во овие политички околности на високо
непријателство е многу малку веројатна, освен со директен политички дил, но и таму би бил
внимателен со очекувањата. Кај нас партиите лесно се договорат кога треба да се заштитат
меѓусебно, но многу потешко кога треба да се направи некаков правен пробив. Затоа, контурите
на евентуалниот политички договор би ги поврзал повеќе со взаемна неказнивост одошто
политичка соработка. По искуството со измените од 2023 година, јавноста има причина да биде
сомничава и скептична околу тоа каков нов квалитет ќе добиеме. Затоа ќе биде важно што точно
ќе поддржат: закон со кој навистина ќе може да се гони високата корупција или уште едно
решение со доволно простор за избегнување одговорност. Очекувам партиски препукувања, но
на крајот тестот ќе биде вистинската содржина на законот.
ПРЕС 24: Она што деновиве се појави како информација е дека владата во овие измени ќе
предвиди и сериозни санкции околу банкарски шпекулации. Мотивот веројтано лежи по
политичките препукувања одколу Алта Банка Битола. Сепак прашањето е дали ова е можеби
движење по тенка линија, бидејќи такви законски одредби, лесно можат да се претворат во
цензура за какви било информации околу банкарскиот сектор во државата?
АРСОВСКИ: Да, тука мора многу да се внимава. Банките зависат од довербата, па со тоа
неодговорна изјава може да направи сериозна штета, но тоа не смее да биде причина никој да не
поставува прашања, или зад тоа да се сокрие уште еден механизам за ограничување на
новинарските слободи и права. Законот мора јасно да разграничи намерно ширење лаги, од, на
пример, новинарско истражување или предупредување за вистински проблем. Особено е
незгодно кога ваква одредба се најавува среде партиска кавга за конкретна банка, бидејќи
веднаш се отвора сомнеж за кого всушност се пишува таа одредба. Опозицијата мора да внимава
што тврди, а власта и регулаторот мора да бидат транспарентни за нивните чекори. Со закана од
затвор, тешко се враќа довербата, напротив.
ПРЕС 24: Владата, а за воља на вистината и евроамбасадорот во земјава, вели дека последниот
извештај на ЕК е подобар од лани. Но, структурално ако се гледа, кои според Вас се
најпроблематичните точки и што тие откриваат?
АРСОВСКИ: Има подобрувања и фер е тие да се признаат, особено кај Реформската агенда. Но,
остануваат проблемите кои најмногу влијаат на секојдневниот живот на граѓаните: корупцијата,
политичкото влијание врз судството и институциите кои немаат никаков суштински капацитет. Кај нас не е проблемот усвојувањето нови и нови закони, туку недостатокот на политички механизам таа продукција на легислатива да се поткрепи со имплементациски капацитет. Најглавниот резултат на извештајот е што ги разбива илузиите околу нови услови, а притоа констатира дека како што другите земји напредуваат, јазот помеѓу нас и нив се зголемува.
ПРЕС 24: За разлика од Извештаите на ЕК, можеби посуштинско прашање е идниот пат на
Македонија кон Брисел. Тој веќе не е дел од колосекот на Албанија и на Црна Гора. Станува ли
македонската евроинтергација безбедносен ризик на долг рок?
АРСОВСКИ: На долг рок, да, иако не мислам дека утре ни се заканува безбедносна криза. НАТО ни дава важна заштита, но не може да ги реши корупцијата, иселувањето или разочараноста од
државата. Ако соседите одат напред, а С. Македонија останува во место, луѓето со право ќе
прашаат каде одиме и дали воопшто имаме план. Во таква атмосфера многу полесно се
подгреваат национализмот и меѓуетничките сомнежи, а потешко се постигнува договор за што
било. Затоа чекањето има цена, и таа расте. Тоа треба да го разберат и Брисел и нашите
политичари.
ПРЕС 24: Во македонската јавност постојано се зборува за потребата од преговори со Бугарија.
Но, реалните надворешно-политички односи на релација Скопје-Брисел-Софија, се веројатно
многу повеќе од билатерални процеси. Во тој контекст, дали домашнаиот политички дискурс е
само обид за одржување на темата низ нацинална призма за популизам и политички бинар за
црпење гласови за идни избори, или пак реална можност дека нешто може да се промени во
процесот на присоединување кон ЕУ?
АРСОВСКИ: Треба да се разговара со Бугарија, но треба и чесно да се каже што може, и што не
може да се добие од тие разговори. Уставните измени веќе се дел од европските услови и засега
не гледам основа да очекуваме дека тој услов ќе исчезне. Може да се бара поголема сигурност за
понатамошниот процес и посилен ангажман од европските партнери против нови блокади. Тоа
би имало смисла, но само после евентуалните уставни измени. Но, ако само повторуваме дека ќе
издејствуваме подобар договор, без да објасниме како и до кога, тогаш повеќе водиме домашна
кампања отколку надворешна политика.
ПРЕС 24: Има ли руско влијание во односите Скопје-Софија?
АРСОВСКИ: На Русија ѝ одговара овој спор да трае, а довербата во ЕУ да слабее, тоа не е голема геостратешка тајна. За посериозен заклучок нема доволно структурни докази. Сепак, нашите политичари и без надворешна помош умеат да ги користат националните прашања за домашни гласови. Токму тука гледам простор за руско влијание: да ги засили поделбите кои веќе постојат и да го охрабри чувството дека европскиот пат нема иднина, наратив кој некако многу лесно пробива до политичките елити и пошироката јавност. Сепак, одговорноста за одлуките што ги носат нашите и бугарските власти останува кај нив. Не можеме за сè да бараме објаснување во Москва.
ПРЕС 24: Промените во Србија. Освен што таму сега се случуваат тектонски поместувања, дали
тие нови политички сили од Белград би донеле и нови политики на некогашниот политички
центар на Балканот, кон сегашните соседи на Србија?
АРСОВСКИ: Има простор за тоа, но јас не би очекувал сите политики да се сменат преку ноќ.
Студентската листа има консензус за одговорност за корупцијата и послободни институции, но
нивната позиција за Косово, Босна и Херцеговина или односите со Русија е многу похетерогена и
нејасна. Затоа, на прво ниво, најнапред би очекувал помалку агресивна реторика и поинаков
начин на водење на политиката. За соседите ќе биде важно дали Белград ќе ги почитува нивните
одлуки и кога тие не му се допаѓаат, односно дали патернализмот карактеристичен за претходната власт ќе стивне. Подемократска Србија би била добра вест за целиот регион, но за вистинска промена ќе судиме според постапките на новите власти – тие пред себе имаат многу предизвици, најнапред домашни, и за вистинската политика кон регионот е рано да се анализира.
ПРЕС 24: Дали со заминувањето на Вучиќ, завршува ерата на Српски Свет?
АРСОВСКИ: Не мислам дека таа идеја зависи само од Вучиќ. Таа се потпира на политички
убедувања и амбиции кои постоеја и пред него, и веројатно ќе останат и по него. Неговото
заминување може да ја ослаби таа амбиција, особено ако се намали државната и медиумската
поддршка за таква политика. Но многу ќе зависи од тоа како следната власт ќе се однесува кон
соседите, Русија, Босна, Косово. Србија има право да се грижи за Србите што живеат надвор од
нејзините граници, но тоа не ѝ дава право да одлучува во име на државите во кои тие живеат. Ќе
видиме дали новата власт ќе биде подготвена доследно да ја почитува таа граница. Ако таа
дистинкција остане јасна, тогаш „српскиот свет“ во смисла на експанзионизам ќе заврши.
ПРЕС 24: Ќе има и предвремени избори, и дали „кавгата“ во владината коалиција околу
полагањето на правосудниот испит на албански јазик ќе биде мотив за нови избори напролет?
АРСОВСКИ: Можни се, но веројатноста останува мала – премиерот е доста експлицитен по тоа
прашање. Во интерес на вистината, политичките околности може да направат избори напролет да станат многу привлечна опција, особено ако власта процени дека резултатот на редовните избори би бил значително полош за нив. Кавгата околу правосудниот испит е сериозна, но на
коалициските партнери им одговара и да покажат пред своите гласачи дека цврсто ги бранат
нивните интереси, па тоа може на крајот да заврши како политички театар. Тоа не значи дека сите се подготвени да ја напуштат власта. Мислам дека повеќе ќе тежи проценката на ВМРО-ДПМНЕ дали со избори напролет може да добие посилен мандат и дали подоцна условите би биле понеповолни. Ако таа пресметка оди во прилог на избори, овој спор лесно може да стане повод. Ако не, веројатно ќе се бара решение со кое секој ќе може да каже дека нешто издејствувал.
ПРЕС 24: Од кого СДСМ треба да се плаши повеќе на следни избри. Од ВМРО ДПМНЕ или од
Платформата 12.05?
АРСОВСКИ: За СДСМ тоа се два различни проблема, кои коинцидираат во исто време. ВМРО-
ДПМНЕ му е главниот изборен противник, а Платформата 12.05 го отвора прашањето дали
сегашното раководство воопшто може да ја извлече партијата од кризата. Јас повеќе би се загрижил за гласачите што веќе не се ни лутат на СДСМ, туку едноставно престанале да очекуваат било што од таа партија. Тие најтешко се враќаат. Ако внатрешната расправа се сведе на тоа кој ќе биде претседател и кој ќе добие функција, партијата ќе продолжи да губи. Ако од неа произлезат луѓе и политики на кои јавноста може повторно да им верува, тогаш и критиката од Платформата може да му помогне на СДСМ. Најлошо би било раководството да заклучи дека проблем се само оние кои им укажуваат на проблемите.

