Искра Хаџи Василева и официјално ја презеде функцијата раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, наследувајќи го досегашниот шеф Ислам Абази.
Примопредавањето на должноста се одржа во просториите на ОЈО ГОКК, по што е предвидена и средба на Хаџи Василева и Абази со државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Хаџи Василева беше избрана на функцијата на 28 октомври, кога доби поддршка од 64 јавни обвинители од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За раководната позиција конкурираа и обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
По изборот и давањето свечена изјава пред Советот на јавните обвинители, таа ги посочи главните приоритети во својата работа – поефикасен кривичен прогон, подобра организација на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Најави и подобро искористување на постојните капацитети, како и заложби за обезбедување дополнителни ресурси за подобрување на резултатите во работата на институцијата.
Новото раководство доаѓа по истекот на мандатот на Ислам Абази, кој беше избран за шеф на ОЈО ГОКК во октомври 2022 година.
Хаџи Василева е вториот раководител на ова обвинителство избран на непосредни избори со тајно гласање од страна на сите јавни обвинители во државата.

