Во раните утрински часови, разорен пожар зафати магацин за бензин и четирикатна зграда на тајландскиот туристички остров Пукет, при што животите ги загубија 11 лица, а 16 други беа повредени, соопштија локалните власти.
Според информациите објавени од „Бангкок пост“, огнената стихија на патот Фангмуанг Саи Кор избувнала околу 3:15 часот, откако експлодирал трансформатор до пристаништето, а пламенот зафатил диспензер за гориво пред бизнис за изнајмување мотоцикли. Огнот брзо се проширил на четири соседни продавници, а на пожарникарите им биле потребни околу два часа за да ја стават ситуацијата под контрола.
Од Канцеларијата за односи со јавноста во Пукет појаснија дека во објектот биле складирани бензин и лубриканти, додека работниците живееле на горните катови од зградата. Меѓу жртвите има осум жени и тројца мажи, додека повредени се 12 жени и четири мажи.
Командантот на полицијата во Пукет, генерал-мајор Сурачаи Суксаи, изјави дека полицијата има снимки од безбедносните камери и сведоци и веќе ја исклучила можноста за палење.
Гувернерот на Пукет, Чотенарин Кердсом, изјави дека првичната истрага покажала дека веројатно се случил краток спој на столб на трафостаница пред продавницата за мотоцикли за време на бурата.

