Собранието денеска повторно ќе ги стави на дневен ред измените на Законот за јавните набавки, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за нивно прогласување. Пратениците ќе треба повторно да се изјаснат за законското решение, кое предизвика реакции поради одредбите што го регулираат мандатот на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.
За измените се поднесени 2.158 амандмани. Владејачкото мнозинство предлага бришење на спорниот член 13, на кој претседателката имаше забелешки, додека најголемиот број од останатите амандмани се поднесени од СДСМ.
Сиљановска-Давкова на 4 ноември го извести Собранието дека нема да го потпише указот, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот. Нејзината одлука следуваше по анализа на законските измени усвоени на 26 октомври и консултации со експерти.
Главниот проблем, според претседателката, е членот 13, со кој се менува начинот на именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Досегашното решение предвидуваше петгодишен мандат со можност за уште еден избор, додека новата формулација предвидува повторно именување, без јасно утврдено ограничување на бројот на мандати.
Сиљановска-Давкова оцени дека ваквата формулација остава простор за различни толкувања и потенцијално неограничено повторување на мандатите. Според неа, тоа може да доведе до прекумерна концентрација на влијание во телото кое одлучува по жалби во постапките за јавни набавки, односно во процесите поврзани со трошењето на јавните средства.
Таа потсети и на претходните проблеми и сомнежи во работата на Комисијата, нагласувајќи дека ограничувањето на мандатите е важно за независноста и непристрасноста на нејзиното работење.
Според Деловникот на Собранието, кога претседателот ќе одлучи да не потпише указ за прогласување закон, тој повторно се разгледува во трето читање. Во оваа фаза амандмани можат да се поднесуваат само во врска со забелешките на претседателот. Рокот за нивно поднесување истече на 6 ноември.
Покрај Законот за јавните набавки, на дневниот ред на 129. пленарна седница се и измените на Буџетот за 2026 година и Законот за извршување на Буџетот, како и договорот со Албанија за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли.
Пратениците ќе расправаат и за законски измени од областа на здравственото осигурување, Кривичниот законик, пензиското осигурување, Фондот за осигурување на депозити, земјоделството и руралниот развој, како и семејната и станбената поддршка.

