Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе учествува на деветтиот Париски мировен форум, кој се одржува во Франција под мотото „Здружување на силите за она што е најважно“. Нејзината посета е во рамки на работниот престој во Француската Република.
Во рамки на форумот, Сиљановска-Давкова ќе земе учество на панел-дискусијата насловена „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, на која ќе има свое обраќање.
Предвидено е претседателката да присуствува и на свечената вечера организирана во чест на шефовите на држави и влади кои учествуваат на настанот. Домаќин на вечерата ќе биде францускиот претседател Емануел Макрон.
Парискиот мировен форум се одржува од 2018 година и претставува меѓународна платформа посветена на глобалното управување, зачувувањето на мирот и зајакнувањето на мултилатералната соработка.

