ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со реакција во која го повикува Основното јавно обвинителство да реагира против функционери од СДС, предводени од Венко Филипче, обвинувајќи ги за свесно ширење паника и дестабилизација на јавноста за ситни политички поени.
На прес-конференција, заменик-генералниот секретар на партијата и пратеник Бране Петрушевски изјави дека опозицијата изминатите две години креирала хистерија и недоверба кон институциите.
„Челниците на СДС веќе ја преминаа границата. Единствено што прават изминативе две години е ширење на паника меѓу граѓаните, обид за создавање на недоверба кон институциите, како и хистерија и хаос во општеството. Да ја потсетиме јавноста дека поради внатрешни проблеми во партијата, Филипче ги лаже граѓаните и пробува да создава перцепција во јавноста дека работата не оди на добро“, истакна Петрушевски.
Тој потсети на неколку поранешни тврдења и информации од опозицијата кои, според владејачките структури, се покажале како невистинити, меѓу кои прашањата за мигрантите, ИПАРД-програмата, извештајот на европратеникот Томас Вајц, исплатата на пензиите и реализацијата на унгарскиот кредит.
„Ширеа хистерија за Унгарскиот кредит, со кој општините добиваа пари за нови училишта, градинки, болници, патишта, а компаниите меки кредити за своите бизниси. ДЗР пред некое време, јасно излезе и констатираше дека нема никаква малверзација со овој кредит, а унгарски функционери јасно признаа дека сме добиле кредит по ултра поволни услови“, нагласи тој.
Поради овие потези, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека постојат законски основи за постапување од страна на надлежните органи.
„Затоа, ваквиот однос на функционери на СДС е казнив според КЗ член 315, наречен саботажа, кој предвидува најмалку 3 години затвор за оној кој свесно предизвикува штета на правно лице. Го повикуваме ЈО да отвори случај по допрен глас и да реагира“, порача Петрушевски.

