Во средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“ денеска официјално беше ставен во употреба нов, современо опремен фризерско-козметички кабинет наменет за практична настава на учениците.
Новиот простор располага со шест фризерски работни места, две берберски позиции, две места за шминкање, како и целосна опрема за маникир и козметички третмани.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека ова инвестирање ќе им овозможи на младите соодветно совладување на занаетот уште во текот на образованието.
„Денес, го пуштивме во употреба современо опремениот фризерско-козметички кабинет наменет за средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“, простор во кој талентот ќе се развива, знаењето ќе се применува, а младите ќе ги прават првите чекори кон својата професија! Кабинетот располага со 6 фризерски работни места, 2 берберски, 2 позиции за шминкање, како и опрема за маникир и козметички третмани. Ова е можност еден млад човек да открие во што е најдобар и да изгради иднина со сопствените знаење, труд и вештини“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека учениците преку практичната работа ќе ги вежбаат фризерските техники и козметичките услуги користејќи професионални алатки под надзор на професорите.
„Тука учениците ќе вежбаат едни на други, ќе ги совладуваат фризерските техники, ќе користат професионална опрема и ќе учат како се гради доверба со клиентот. Чекор по чекор, со поддршка од професорите, ќе стекнуваат искуство и самодоверба за вистинските предизвици на својата идна професија. Особено значајно е што во рамките на практичната настава ќе можат да им нудат услуги по субвенционирани цени на учениците од другите средни училишта. Така, практичната работа добива уште поголема вредност, а младите добиваат дополнителен мотив да го изберат стручното образование и да ја препознаат својата иднина во него“, додаде тој.
Според Ѓорѓиевски, создавањето услови за стручно образование е клучниот чекор кон градење успешна кариера и самостојни бизниси за младите.
„Верувам во овие млади луѓе. Во нивните вредни раце, во нивната креативност и во желбата да успеат. Наша обврска е да им обезбедиме услови со кои ќе можат да го покажат сето она што го умеат! Затоа што, најдобро се учи кога теоријата се претвора во практика, а практиката во професија. Вложуваме во младите денес, за утре да стојат цврсто на свои нозе. Со свој занает. Со своја кариера. Со можност да создадат и сопствен бизнис. Нивниот успех е успех на Скопје!“, порача Ѓорѓиевски.

