Дури 12 возачи биле приведени во изминатото деноноќие поради опасно и несовесно однесување во сообраќајот. Осуммина седнале зад волан без воопшто да имаат положено возачки испит, двајца возеле под дејство на алкохол, а двајца не ја почитувале активната забрана за управување со возило.
Меѓу приведените се лица на возраст од 18 до 56 години од Скопје, Куманово, Прилеп, Охрид, Тетово и Струга, како и од неколку скопски и тетовски села.
Посебно загрижува тоа што еден од возачите кој имал активна забрана за управување истовремено бил и под дејство на алкохол.
Сите 12 се лишени од слобода поради сомнение за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а по документирањето на случаите против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.
Од МВР повторно апелираат до возачите да не седнуваат зад волан без положен испит, под дејство на алкохол или додека имаат забрана за управување, бидејќи со таквото однесување ги загрозуваат и сопствените и туѓите животи.

