Опозициската СДСМ побара Основното јавно обвинителство (ОЈО) и Европското обвинителство веднаш да отворат истрага за премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славевски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, обвинувајќи ги дека се главни виновници за влезот на „Алта банка“ во државата.
На прес-конференција пред Владата, портпаролката на партијата Богданка Кузеска изјави дека СДСМ уште пред една година предупредувала за ризиците и потеклото на капиталот на оваа финансиска институција, која во моментов е под стечај и без лиценца.
„Овде, зад мене, во Владата се главните виновници кои дозволија Алта банка да влезе во Македонија, со сомнителен капитал. СДСМ уште пред една година предупреди за Алта банка, дека е про-режимска банка создадена од криминалните кланови и перланица на пари на Вучиќ. Сега народот пати и не може да дојде до своите пари. А овие во владата лажат, си ја префрлаат одговорноста за да се спасат и пробуваат да го заташкаат скандалот“, рече Кузеска.
Таа додаде дека постојат противречности во изјавите на функционерите во врска со информираноста за целиот процес.
„Трајко Славевски вели имало консултации Кочовска вели немало и не била информирана. Штом зинат лажат“, изјави таа.
Позивајќи се на владини документи, портпаролката посочи дека на 23 септември 2025 година биле донесени конкретни одлуки кои му одиграле улога на сопственикот на банката, Давор Мацура.
„Еве го записникот од седница на Владата од 23 септември 2025 година. На предлог на Кочовска Владата на Мицкоски носела Заклучоци за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции. Мицкоски и Славевски ја внесоа Алта банка во Македонија, со сомнителен капитал, која сега е под стечеј, без лиценца и под истрага за криминал. А Владата на Мицкоски, на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата. Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка!“, додаде Кузеска.
Од СДСМ истакнуваат дека последиците од овие одлуки директно ги чувствуваат граѓаните кои се соочуваат со неизвесност за сопствените депозити.
„Денеска луѓето не можат да си дојдат до своите пари. Редици, гужви, нервозни граѓани, неизвесност. За ова мора да има одговорност! Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под и под сомнеж за потеклото на капиталот? Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска а од пред некој ден и на една домашна банка“, нагласи таа.
На крајот, опозициската партија упати барање до правосудните органи за итна реакција без одложување.
„Бараме, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време. Нема време, се касни 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славевски и за Кочовска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат“, заклучи Кузеска.

