СДСМ реагира на изјавите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во врска со извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, обвинувајќи дека тој ги претставува критиките на Брисел како позитивни насоки, иако оценките во клучните области се негативни.
Од партијата посочуваат дека во извештајот е нотирано отсуство на напредок во борбата против корупцијата, слободата на изразување и спроведувањето на јавните набавки. Дополнително, според СДСМ, во девет други области земјата бележи послаби оценки во споредба со претходната година.
„Кој извештај тој го чита? Извештајот на Европската комисија за 2026 е јасен: нула напредок во борбата против корупцијата. Нула напредок во слободата на изразување“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија тврдат дека корупцијата останува широко распространета, а застарувањето на предметите создава чувство на неказнивост. Тие ги критикуваат и изјавите на Муцунски дека реформите во правосудството и борбата против корупцијата не зависат исклучиво од извршната власт.
СДСМ обвинува дека власта врши политички притисок врз судството и обвинителството, посочувајќи дека во извештајот на Европската комисија се нотирани политички мешања и несоодветни изјави кон судии и обвинители.
Од партијата оценуваат дека ваквата состојба го доведува во прашање напредокот на европскиот пат и бараат одговорност од власта за слабите резултати во реформските процеси.

