Привремено зимско примирје со Русија би овозможило снабдување со струја и вода за населението, но и услови за одржување на претседателските избори, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за ZDF.
Зеленски истакна дека одржувањето избори во услови на активна воена состојба е неправедно спрема милионите граѓани кои се наоѓаат во странство или на првата линија на фронтот.
„Одржувањето избори додека војниците не можат да гласаат не е фер. Тоа е сто проценти неправедно“, рече Зеленски. „Им реков на Американците: Можете да постигнете договор со Русите за прекин на огнот во текот на зимата. Тогаш луѓето ќе имаат електрична енергија и вода, а во тој период можеме да одржиме избори“, рече тој.
Во интервјуто тој критички го коментираше и влијанието на американскиот милијардер Илон Маск врз меѓународната политика.
„Не знам кога е сериозен, а кога се шегува. За мене е премногу сериозно кога зборува за сателити“, рече Зеленски.
„Кога многу богат човек може да влијае врз американската политика, тоа е опасно за помалите земји“, предупреди Зеленски, додавајќи: „Тој нема право да влијае на тоа“.
„Велат дека тој е најбогатиот човек во светот. А кој е втор најбогат? Путин. Можеби Путин е најбогат. Не знам“, изјави претседателот на Украина.
Зеленски ја оцени поддршката од Вашингтон како клучна за идната преговарачка позиција на Киев.
„Имаме поддршка од двете партии. Благодарен сум и на републиканците, но демократите се многу јасни во врска со нивната поддршка за Украина“, рече тој.
„Ако Конгресот сега зборува за силна финансиска или вооружена помош, како што прави Европа денес, верувам дека тоа ќе има позитивно влијание врз Путин“, заврши тој.

