Посебен сообраќаен режим ќе биде воведен утре во Скопје поради верскиот празник Задушница, кога се очекува зголемена фреквенција на возила и посетители околу градските гробишта.
Најголеми измени ќе има во сообраќајот кон гробиштата Бутел, каде од 6 часот наутро движењето ќе се одвива еднонасочно, односно кружно. Возилата ќе се движат по улицата „Бутелска“, потоа лево по „Александар Урдаревски“, повторно лево по „Боца Иванова“ и десно кон влезот на гробиштата.
За излез од гробиштата, возачите ќе се движат десно по „Боца Иванова“ до кружниот тек со „Бутелска“, а потоа по „Бутелска“ и десно по „Кемал Сејфула“.
Посебен режим ќе има и околу гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и поставената сообраќајна сигнализација.

