Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе оствари средба со шефот на швајцарската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Средбата ќе биде посветена на продлабочување на политичките и економските односи меѓу Македонија и Швајцарија, како и на продолжување на развојната соработка и поддршката што Швајцарија ѝ ја дава на земјата. На агендата ќе биде и европската интеграција на Македонија.
Предвидено е двајцата министри да разговараат и за политичките случувања во двете држави, регионалните односи во Југоисточна Европа, како и за актуелните безбедносни и геополитички предизвици.
Посебно внимание ќе биде посветено на улогата на ОБСЕ во зачувувањето на мирот и стабилноста, во контекст на претседавањето на Касис со Организацијата.
Во рамки на посетата, Муцунски и Касис ќе одржат билатерална средба во Министерството за надворешни работи, по што е најавена и заедничка прес-конференција.

