Противпожарната служба на Грција интервенирала за пренесување на безбедна локација на шест ученици од училиштен автобус заглавен во свлечилиште предизвикано од невремето на островот Родос, како и за спасување на четири лица заглавени во автомобил во поплава на островот Самос, јави дописничката на МИА од Атина.
Во областа Маратокампос во југозападниот дел на Самос, пет пожарникари со две противпожарни возила интервенирале за спасување на шестмина средношколци, кои се превезувале со училиштен автобус што останал заглавен поради претходно настанати свлечишта.
Учениците биле пренесени на безбедно место, а потоа со противпожарни возила до нивните домови и сите се во добра здравствена состојба.
На Родос, каде што според локалните медиуми, над 15 часа непрекинато врне, обилниот дожд, го зголемени нивото на водите и во повеќе делови на островот предизвика поплави.
Автомобил со четири лица, меѓу кои и едно дете, останал заглавен во надојдените води на речен премин во близина на градот Линдос, а патниците повикале помош преку бројот 112, по што, откако биле лоцирани, на местото пристигнале 20 пожарникари со седум возила.
На местото каде што бил заглавен автомобилот, водата надоаѓала со голема сила, а нивото било речиси до прозорците на возилото.
Пожарникарите успеале да стигнат до возилото, да го стабилизираат и да ги извлечат четворицата патници, еден грчки државјанин и тројца странски државјани: маж, жена и дете, сите во добра здравствена состојба, биле пренесени на безбедна локација.
Невремето што во текот на ноќта го зафати Родос и продолжи и денеска предизвика проблеми, штета на патната инфраструктура и на продавници и домови, а училиштата и утре ќе бидат беа затворени.
Поплави предизвикани од зголемувањето на нивото на водата има и во градот Волос, како и на островите Самос и Калимнос.

