Авион на авиокомпанијата „Визер“ кој сообраќал на линијата Лондон – Софија вонредно слетал на аеродромот во Будимпешта поради примена дојава за бомба, информираат од авиокомпанијата.
Летот од лондонскиот аеродром Лутон бил прекинат во воздух, а леталото под воена придружба било пренасочено кон Унгарија.
Информацијата ја потврдија од „Визер“, додека унгарскиот министер за одбрана, Ромулуш Русин-Сенди, соопшти дека борбен авион „Грипен“ бил испратен во рок од неколку минути за да го придружува патничкиот авион до безбедно слетување.
Авионот бил паркиран на посебна и безбедна локација на аеродромот „Лист Ференц“, каде надлежните антитерористички и полициски служби веднаш започнале со проверки.
„Визер“ соопшти дека целосно соработува со надлежните институции и дека безбедноста на патниците и екипажот е највисок приоритет на компанијата.
Дополнителни полициски мерки и прегледи на патниците и багажот биле спроведени веднаш по слетувањето, потврди унгарскиот министер за одбрана.
Според податоците на „Флајтрадар24“, леталото полетало од Лондон во 8:33 часот и според распоредот требало да слета во Софија во 13:25 часот, но ја променило патеката на движење над Босна и Херцеговина.
Засега нема детали за тоа дали заканата била упатена од земја или од самиот авион, а полициските проверки се во тек.

