СДСМ преку прес-конференција на членот на Извршниот одбор, Јон Фрчкоски, упати обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката партија за обид за целосна партизација на правосудниот систем преку предлозите за нови членови на Судскиот совет.
„Мицкоски го турка неговиот план да избира нови судии од тефтерчето. Тоа го прави веќе две години, сака целосна контрола врз правосудството. Бандата бара спас од одговорност за криминалот, и тоа во контролирано судство и обвинителство“, изјави Фрчкоски.
Тој ги истакна кандидатурите на Емилија Алексовска и Џоко Диков, тврдејќи дека станува збор за партиски предлози.
„Кандидатката Емилија Алексовска која добила најмногу бодови од ВМРО. Позната по јавните фалби на Мицкоски на социјалните мрежи. ’Македонија со Вас е жива, повторно наша и горда‘, вака го фалела Алексовска Мицкоски. Во изборот на свои кадри во судството Мицкоски очигледно најмногу бодови носат јавните фалби за него на социјалните мрежи. Каков критериум. Вториот кандидат, Џоко Диков исто така се врзува со ВМРО. Но скандалот тука е поголема затоа што имал и кривична пријава“, посочи Фрчкоски, додавајќи дека Диков го застапувал градоначалникот на Ново Село против еколошки активисти.
Во своето обраќање тој се осврна и на претходните кадровски решенија.
„Данка Ристова, сопруга на Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од ВМРО веќе беше избрана за членка на Судскиот совет. Потоа, нејзиниот сопруг – Ацо Ристов Мицкоски си го избра за претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Поранешен градоначалник од ВМРО сега е на чело на регулатор кој треба да е независен, а неговата сопруга е во телото што одлучува за судиите. Едни исти луѓе, врзани со Мицкоски треба да контролираат бизниси и судии. Класична мафијашка структура“, изјави членот на ИО на СДСМ.
Фрчкоски изнесе критики и за односот на премиерот кон обвинителството и евроинтеграциите.
„Независните обвинители ги менува и ги нарекува медиокритети при телевизиско гостување, а новите ги поставува во живо. Нарачува процеси по телефон и од собраниската говорница. Вториот извештај на ЕК во делот на судството е катастрофален. Наскоро се очекува третиот. Сето ова го прави затоа што не му е гајле за ЕУ. Се плаши од одговорност. Со банда, нема независно судство. Има систем на контрола. Нема правда – напротив, има неправда“, нагласи тој.
Од СДСМ побараа итно повлекување на овие предлози и избор на професионални кандидати.
„СДСМ бара повлекување на овие предлози и избор на стручни и независни кандидати за судскиот совет. Нашата порака е дека никој нема да се спаси, одговорност ќе има. Кога власта ќе се врати во рацете на народот, целата банда ќе одговара. Пред независно судство и пред европско обвинителство“, заклучи Фрчкоски.

