Новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто денеска беше официјално пуштен во употреба, во присуство на министерката за образование и наука Весна Јаневска, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Новата училишна зграда се протега на два спрата со вкупно 30 училници и површина од 3.128 квадратни метри. Вредноста на целата инвестиција изнесува 170 милиони денари.

Во своето обраќање, министерката Јаневска посочи дека обезбедувањето соодветни услови за престој и учење е од суштинско значење за квалитетот на воспитно-образовниот процес.

„Објектите во кои се организира воспитно – образовниот процес, се суштински за неговиот квалитет. Во добри услови и пријатна средина, мотивацијата за учење е поголема и затоа пред две години Владата и општините се обединија околу еден приоритет – да вложиме во инфраструктурата и да го зајакнеме овој столб на образованието. По две години делата се видливи. Ова училиште е резултат на тие заеднички заложби“, истакна Јаневска.

Таа додаде дека со овој проект конечно се решава долгогодишниот проблем со наставата во застарените објекти.
„Дојде моментот бараките зад нас да заминат во историјата. Со среќа нека се користи новиот училишен објект. Навистина е прекрасен и знам дека ќе биде инспирација и за учениците и за наставниците“, рече Јаневска додавајќи дека Владата и Министерството за образование и наука вложуваат подеднакво во сите региони на државата, затоа што, како што нагласи – сите деца заслужуваат еднаков пристап до квалитетни услови за образование.
Министерката направи и осврт врз вкупните инвестиции во образовниот сектор изминатиот период.
„Ќе потсетам дека за две години реализираме 90 проекти во вредност од 70 милиони евра. Половина од средствата се обезбедени преку Министерството за образование и наука и другата половина преку повикот на Владата за финансирање на капитални проекти на општините. Еден таков проект е токму ова училиште и благодарност до градоначалникот што се ангажираше да го подготви, да аплицира за средства и да го опреми објектот. Благодарност и до премиерот кој ја покрена оваа иницијатива – одеднаш да градиме и да изградиме многу нови образовни и спортски објекти на целата територија на Македонија“, додаде Јаневска.

