Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, денеска поднесе отчет за сработеното во изминатата година од неговиот мандат, истакнувајќи ги реализираните и започнатите проекти во делот на инфраструктурата, социјалната заштита, образованието и локалниот економски развој.
„Пред една година ја презедов одговорноста да ја водам општината. Знаев дека пред нас има многу работа. Знаев дека има проблеми кои со години чекаат решение, но знаев и дека со сериозна работа, со чесен однос и со одговорно управување можеме да направиме промени. Денес, по нецела една година, сакам пред вас да направам отчет за она што го сработивме“, истакна Јакупоски.
Во областа на социјалната заштита и поддршката за младите, тој посочи дека се донесени мерки за еднократна парична помош за новородени деца (10.000 денари за прво, 18.000 денари за второ и 25.000 денари за трето дете), помош од 6.000 денари и прибор за секое прваче, како и еднократна поддршка од 12.000 денари за сите студенти и средношколци во СОУ Маврово Ростуше. Покрај тоа, Општината ги покрива трошоците за возачка обука за младите до 24 години и трошоците за регистрација на фирми за млади претприемачи.
Во делот на инфраструктурата, Јакупоски ги издвои комплетно завршената улица во Скудриње за пристап до 80 куќи, новиот резервоар за водоснабдување во с. Ростуше со капацитет од 160 м³, како и поплочувањето на улица во с. Велебрдо. Во завршна фаза е и реконструкцијата на спортската сала „Македонија“ кај Ростуше, а во тек се и активности за реконструкција на локалните патишта кон Рибница и Нистрово.
Во образованието, градоначалникот најави набавка на смарт-табли и нагледни средства за сите четири основни училишта, како и изработка на проект за реконструкција на Подрачното училиште во с. Маврово. Тој потсети и на успехот со организацијата на Светското првенство во спортски риболов на крап на Мавровското Езеро.
„Нашата визија е јасна: Маврово и Ростуше да биде модерна, функционална, одржлива и туристичка дестинација – општина во која заштитата на природното богатсво ќе биде императив, но заедно и подеднакво со економскиот развој и благосостојбата на локалното население“, порача Јакупоски.

