Советниците на СДСМ од источниот регион изразија силно противстекување за отворањето нови рудници и бараат веднаш да се повлече Новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Општина Пробиштип, Весна Ристовска, на денешната прес-конференција истакна дека предвидените рударски активности се директна закана за здравјето на луѓето, заштитените подрачја, водите и земјоделството.
„Македонија не е на продажба! Денеска советниците на СДСМ од истокот уште еднаш го креваат својот глас против рудниците кои се закана за здравјето, земјоделството и животната средина. На денешната јавна расправа отворено и аргументирано ќе се спротивставиме на Новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата на Мицкоски“, изјави Ристовска.

Таа потенцираше дека планираниот рудник во Кадиица се наоѓа во заштитениот предел на Малешевијата со ендемски видови, а отворањето рудник за метали на Плавица носи ризик од долгорочна еколошка катастрофа, загадување на подземните и површинските води и уништување на биодиверзитетот.
„Во просторниот план се предвидува дека Општина Пробиштип до 2040 година ќе изгуби дури 29,4% од населението и ќе се соочи со социјален колапс. Значи, во документот се предвидува масовно иселување, а како решение за град што се празни се нуди нов површински коп за метали! Прашуваме за кого тогаш ќе се отвора овој рудник и кој ќе работи? За увезената рака од Непал или Бангладеш?“, рече Ристовска.
Таа додаде дека Пробиштип е дел од заштитениот предел на Осоговските Планини, а за постојното јаловиште од рудникот Злетово сè уште не е извршена рекултивација, додека во исто време Владата планира рударска експанзија со 90 милиони тони руда на Плавица.
Според СДСМ, планот предвидува вкупната површина под експлоатација на критични минерали во државата до 2040 година да се зголеми за пет пати, односно од 2 на 10 квадратни километри. Дополнително, во Кочанскиот регион се проектира намалување на површините под ориз за 31 процент, што претставува директен удар врз домашното земјоделско производство.
„Нашата порака е јасна – веднаш да се повлече планот за изградба на рудници. Македонија не е на распродажба. Природните богатства, водата, земјиштето и здравјето на граѓаните пред сè не смеат да бидат цена за туѓи бизнис интереси“, заклучи Ристовска.

