Меѓународниот ден на белиот стап е можност да се потсетиме до каде сме стигнале, како општество, во нашата обврска на секое дете да му овозможиме да ги реализира своите соништа, таленти и потенцијали. Оваа Влада вети дека ќе ја подигне инклузивноста на воспитно-образовниот систем во целина, и тоа го правиме, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието.
На настанот, организиран од Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и организацијата „Зета“, во соработка со Државното училиште „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи, министерката посочи дека оваа учебна година се ангажирани 1.602 образовни асистенти во основните училишта и 176 во средното образование, а во тек е и постапка за дополнителен кадар.
„Во насока на подигнување на инклузивноста е и јакнењето на стручните служби во училиштата, преку ангажирање на потребен кадар. Паралелно ја подобруваме пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за учениците со посебни потреби. Воведовме две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести“, додаде министерката.
Таа истакна дека Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ функционира како ресурсен центар со обучен кадар и асистивна технологија, при што годинава бележи зголемен број запишани ученици.
„Оваа учебна година, во ова единствено училиште на ниво на државата, се запишани повеќе ученици отколку лани. Тоа говори за препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручната помош и раст на довербата што родителите ја имаат во институцијата“, укажа Јаневска.
Министерката потенцираше дека и покрај ограничените ресурси, условите може да се унапредат преку обуки, подобра комуникација и стратешки развој.
„Ограничените ресурси се главната пречка за подобри услови за квалитетна настава, но, тоа може да се надомести со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и секако со стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем“, заклучи Јаневска, нагласувајќи дека попреченоста не ја определува личноста.

