Основниот суд во Куманово денеска треба да ја соопшти пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане. Обвинителството бара најстрога казна – доживотен затвор, додека одбраната бара судот да ги земе предвид олеснителните околности.
Завршните зборови на страните во постапката беа изнесени на рочиштето одржано на 6 октомври, по што судот го најави денешниот ден, 9 октомври, за објавување на одлуката.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара обвинетиот да биде прогласен за виновен за смртта на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за обидите за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска.
Во образложението на обвинителството беше посочено дека убиствата имале сличен начин на извршување, а како значајни докази беа издвоени и ДНК-трагите пронајдени кај дел од жртвите и кај една од жените што преживеале.
Обвинителот се повика и на психијатриското вештачење, според кое постои висок ризик обвинетиот повторно да изврши кривични дела, како и сериозни пречки за неговата ресоцијализација. Овие наоди, според обвинителството, ја оправдуваат потребата од доживотна казна затвор.
Одбраната, застапувана од адвокатот Тони Цветковски, кој на Бојковски му е доделен по службена должност, побара при одмерувањето на казната судот да ги разгледа и олеснителните околности.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради тежината на обвиненијата, а денешната одлука на Основниот суд во Куманово се очекува да го означи завршетокот на првостепената постапка.

