Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, при посетата на Виена се сретна со студенти на Виенската дипломатска академија, пред кои говореше за енергетските политики и стратешките планови на Македонија во овој сектор.
Во рамките на програмата за обука „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црно Море/Јужен Кавказ 2026“, Божиновска учествуваше во дискусија со идни дипломати, на која беа отворени прашања поврзани со енергетската независност, сигурноста во снабдувањето и модернизацијата на инфраструктурата.
Според информациите од нејзиниот кабинет, министерката ги презентирала приоритетите на земјата, вклучително и проектите за диверзификација на изворите на енергија, како и предизвиците при креирањето и спроведувањето на енергетските политики. Разговорот се осврнал и на влијанието на енергетиката врз економскиот развој и меѓународната соработка.
Божиновска учествувала и на сесијата „Дигитална дипломатија“, посветена на користењето современи технологии во дипломатските односи и меѓународната комуникација.
За време на престојот во австриската престолнина, таа остварила и средба во Сојузното министерство за европски и меѓународни работи на Австрија, со цел продолжување на институционалниот дијалог и унапредување на соработката меѓу двете земји.

