Европската централна банка ѝ овозможи на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот (ЕУРЕП), со максимален лимит од 50 милијарди евра.
По завршувањето на техничката процедура за приклучување, Народната банка ќе може брзо да обезбеди дополнителна ликвидност во евра доколку се појави потреба, што би помогнало во справувањето со евентуални финансиски шокови и зголемена побарувачка за евра.
Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви се на високо ниво и претставуваат главна заштита за одржување на макроекономската и финансиската стабилност. Сепак, пристапот до ЕУРЕП ќе биде дополнителна сигурносна мрежа во случај на надворешни нарушувања и притисоци врз ликвидноста.
Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ со максимален износ од 400 милиони евра. Таа беше воведена за време на пандемијата со КОВИД-19, а последното продолжување важи до 31 јануари 2027 година.
За разлика од досегашниот механизам, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширока примена, кој треба дополнително да ја зајакне достапноста на ликвидност во евра при евентуални нарушувања на финансиските пазари.
ЕУРЕП е воспоставен од Евросистемот со цел да се обезбеди непречено спроведување на монетарната политика и да се овозможи постојан пристап до ликвидност во евра за централни банки и монетарни власти од земји надвор од еврозоната.
Со пристапот до оваа репо-линија, ЕЦБ дополнително ја потврдува својата поддршка за стабилноста и ликвидноста на финансиските пазари во земјите надвор од еврозоната.

