Нова студија објавена во списанието „Екологија и еволуција на природата“ покажува дека волкот претставува клучен природен фактор кој ја ограничува експанзијата на чакалот низ Европа, но и дека неговото влијание е дополнително намалено од човековите активности. Според истражувањето, во отсуство на овие ограничувања, чакалот би можел да насели до 75 отсто од европскиот континент — површина речиси шест пати поголема од онаа што ја зазема денес.
Во студијата учествувале истражувачи од 13 европски земји, меѓу кои и д-р Диме Меловски и м-р Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво (МЕД).
За подобро разбирање на човековото влијание врз интеракциите меѓу животинските видови и причините за експанзијата на чакалот, во периодот од 2001 до 2017 година биле собрани стандардизирани теренски податоци за завивањето на чакалите на речиси 9.000 локации низ Централна и Југоисточна Европа, вклучително и во нашата држава. Резултатите покажуваат дека пократкотрајната снежна покривка како последица на климатските промени, умерената шумска покриеност и близината до водни површини позитивно влијаат врз бројноста на чакалот, но клучен фактор за неговото ширење е отсуството на врвни предатори, како волкот.
Истражувањето потврдува дека историскиот пад на популацијата на волкот во Европа е една од главните причини за зголемената распространетост на чакалот. „Кога чакалите почнуваме да ги среќаваме и на места каде што вообичаено не живееле, вклучително и во повисоки предели, тоа укажува дека популацијата на волкот, но и на пленските видови како срната, е загрозена“, објаснува д-р Диме Меловски, раководител на Програмата за диви видови во МЕД.
Тој додава дека во деведесеттите години од минатиот век чакалот бил истребен во земјата, поради што претходно имал статус на строго заштитен вид. Денес тоа повеќе не е случај, а иако честите случаи на прегазени чакали и пријави од граѓани укажуваат на зголемување на неговата популација, сè уште нема прецизни податоци за видот кој денес ја населува речиси целата територија на Македонија.
„Чакалот, како и секое друго животно, има своја улога во екосистемот. Но популациите на крупни месојади мора да се менаџираат. Тоа од една страна ќе помогне да се врати и одржува рамнотежата во екосистемот, а од друга страна ќе спречи исчезнување на одредени видови. Затоа државата, во соработка со ловните друштва и експертските организации, треба да преземе мерки за управување со популацијата, почнувајќи од утврдување на нејзината бројност“, истакнува м-р Александар Стојанов од МЕД.
Истражувањето посочува дека закрепнувањето на врвните предатори може да претставува природно решение за регулирање на растечките популации на мезопредаторите. Во овој контекст, се нагласува потребата од заштита на волкот, имајќи предвид дека неговата популација е во опаѓање. За да се постигне и одржи ваков еколошки ефект, неопходно е врвните предатори да достигнат стабилна и еколошки ефективна густина, што претставува голем предизвик во средини доминирани од човекот.

