Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, присуствуваше на централната манифестација по повод Денот на пожарникарите, која се одржа во просториите на Противпожарната бригада на Град Скопје, со цел одбележување на големиот историски јубилеј.
Стефковски преку социјалните мрежи ја истакна важноста на оваа служба и ја нагласи пожртвуваноста на сите генерации кои биле дел од неа.
„190 ГОДИНИ ХЕРОЈСТВО, ЧЕСТ И СЛУЖБА ЗА ТАТКОВИНАТА! Со огромна чест, почит и искрена гордост присуствував на централното одбележување на Денот на пожарникарите во Противпожарната бригада на Град Скопје, каде што достоинствено беше одбележан големиот и значаен јубилеј – 190 години од формирањето на организирана противпожарна бригада во градот Скопје. Овој јубилеј не претставува само бројка и историски податок. Тој е симбол на речиси два века пожртвуваност, дисциплина, храброст и безусловна љубов кон народот и татковината. Низ сите овие години, генерации пожарникари стоеле исправено пред најголемите предизвици, борејќи се со огнените стихии, спасувајќи човечки животи, домови, семејства и надеж.“
Во своето обраќање, тој се осврна на суштината на противпожарната дејност, дефинирајќи ја како хумана мисија во општеството.
„Да се биде пожарникар не е само професија – тоа е sveta мисија. Тоа е повик што бара срце поголемо од стравот, дух посилен од опасноста и човечност што нема граници. Кога сите бегаат од опасноста, тие трчаат кон неа. Кога животите висат на конец, тие се првите кои подаваат рака. Противпожарната бригада на Град Скопје е гордост на нашиот град и на цела Македонија. Нејзината историја е испишана со пожртвуваност, достоинство и безброј херојски дела кои никогаш нема да бидат заборавени. Од генерација на генерација се пренесува традицијата на чесно служење, професионалност и непоколеблива верба дека секој спасен живот е најголемата победа.“
На крајот, градоначалникот упати честитки и јавна благодарност до актуелните тимови на терен, но и до сите ветерани кои ја граделе институцијата низ историјата.
„Денес, кога одбележуваме 190 години организирано противпожарство во Скопје, оддаваме длабока почит на сите пожарникари – и на оние кои денес храбро стојат на првата линија, и на сите оние кои низ историјата го вградиле својот труд, својата храброст и своите животи во оваа благородна служба. Нека овој голем јубилеј биде потсетник дека Македонија отсекогаш имала храбри луѓе кои ја чувале безбедноста, достоинството и мирот на народот. Нашите пожарникари се вистински тивки херои, чувари на животот и симбол на солидарноста и силата на македонскиот дух. Вечна благодарност и длабок поклон за сите пожарникари! Нека ви е честит Денот на пожарникарите! Да живее Противпожарната бригада на Град Скопје!“

