Општина Бутел доби ново зелено срце – мега паркот „Бутелска оаза“, кој официјално беше пуштен во употреба. На просторот каде што првично се планираше бетонизација, сега се простира огромна зелена површина опремена со реквизити за најмладите, пешачки и фитнес зони за рекреација на сите генерации.
На свеченото отварање, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека овој проект претставува реализација на даденото ветување уште во првата година од мандатот.
„Кога ја подготвувавме програмата за Скопје, Дарко побара да изградиме парк десет пати помал од овој што денес го отвораме. Ги разгледавме можностите и решивме да направиме многу повеќе – еден од најголемите мега паркови во Скопје, каков што Бутел заслужува“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека новиот простор е наменет за првите детски чекори, младите, семејните прошетки и спокојните утра на пензионерите.
Од локалната самоуправа информираат дека за долгорочно и одржливо зачувување на зеленилото, целиот комплекс е опремен со сопствен систем за наводнување со техничка вода. Според Ѓорѓиевски, секое ново засадено дрво претставува влог во почист воздух, намалување на урбаната жештина и поквалитетен живот за граѓаните.

