Меѓународни научници од повеќе од 15 држави ќе се соберат во Скопје на 14. издание на симпозиумот „Денови на Јустинијан I“, кој денеска ќе започне со свечено отворање во Музејот на македонската борба, со почеток во 10 часот. Настанот ќе трае до 1 ноември и е посветен на истражувањето на византиската и средновековната историја.
Овогодишното издание се одржува под тематскиот наслов „Граници“ (Borders), со фокус на политичките, верските и културните поделби, но и на контактите и влијанијата меѓу различните општества во средниот век.
Во рамки на свеченоста се најавени обраќања на претставници на организаторите, академската заедница, Италијанската амбасада и Македонската православна црква. Меѓу нив се претседателот на Меѓународниот организациски и научен комитет, проф. д-р Митко Б. Панов, коорганизаторот од Универзитетот во Болоња, проф. д-р Џузепе Маино, италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Посебно место во програмата има предавањето на професорката Нора Беренд од Универзитетот во Кембриџ, која ќе говори на тема „Замислувајќи ги границите во средниот век“.
Во текот на двата дена се предвидени шест научни сесии на кои истражувачи од странски и домашни универзитети и научни установи ќе ги презентираат своите истражувања. Програмата опфаќа различни аспекти на средновековното општество, со акцент на историските, религиозните и културните односи.
На отворањето ќе биде промовиран и новиот зборник „Вмрежување“, составен од трудовите презентирани на минатогодишниот, тринаесетти симпозиум. Публикацијата ги обработува врските и контактите во политиката, дипломатијата, црквата, интелектуалниот живот и културата на византискиот и средновековниот свет.
Организатори на меѓународниот собир се Институтот за национална историја при УКИМ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“.
Симпозиумот претставува платформа за меѓународна научна размена и истражување на заедничкото историско наследство. Посебен акцент се става на врските меѓу Македонија и Италија, особено преку историското наследство на византискиот император Јустинијан I, кој потекнувал од околината на Скопје, а чие владеење оставило значајни траги и во Италија, особено во Равена.
Реализацијата на настанот е поддржана од Министерството за култура и туризам, Амбасадата на Италија, Музејот на македонската борба и Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

