Од СДСМ реагираат на учеството на претставници на Левица, меѓу кои и лидерот Димитар Апасиев, на форумот на БРИКС во Москва, оценувајќи дека со тоа партијата ги покажала своите политички определби и односот кон евроатлантската интеграција на Македонија.
Апасиев, заедно со Реџеп Исмаил-Хактан и Александар Симонов, учествувал на форумот, каде што биле остварени и средби со претставници на Евроазиската економска унија и Руската унија на производители.
Од СДСМ велат дека посетата на Москва е потврда за, како што наведуваат, антиевропската и анти-НАТО ориентација на Левица.
„Нема повеќе маски, нема автентична левица. Има средба со Зјуганов, човек на американската црна листа, има форум на БРИКС во Москва и јасен став против НАТО и ЕУ“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ ја обвинуваат Левица дека настапува како политички сојузник на актуелната власт и дека нејзините политики се спротивни на европската перспектива на државата.
Во реакцијата се осврнуваат и на односот на Левица кон работничките права, посочувајќи дека партијата не ја поддржала предложената минимална плата од 600 евра.
Од СДСМ порачуваат дека стратешката иднина на Македонија треба да биде во Европската Унија, со владеење на правото и независни институции, а не во приближување кон Москва и БРИКС.
„БРИКС не е иднината на Македонија. Иднината е ЕУ, закон за сите и независно европско обвинителство“, порачуваат од СДСМ.

