Управата за финансиска полиција утврди даночно затајување во износ од 7.426.323 денари, по што до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две лица управители на правно лице и едно правно лице.
Како што соопшти Управата, пријавените М. Ш. и Ж. Р., како управители на правното лице, се сомничат дека во повеќе наврати, свесно и со намера да стекнат противправна имотна корист, не пресметале, не пријавиле и не платиле данок на добивка во износ од 7.200.200 денари и данок на личен доход од 226.123 денари.
Според полициските наводи, управителите во 2020 година поднеле даночен биланс за утврдување на данокот на добивка во кој искажале лажни податоци.
За годините 2021 и 2022, тие воопшто не поднеле даночни биланси за утврдување на данокот на добивка, што било спротивно на сметководствената евиденција и искажаниот финансиски резултат во бруто-билансите на друштвото.
Финансиската полиција открила дека пријавените од банкарските сметки на правното лице подигнале парични средства по разни основи и извршиле плаќања што не се поврзани со дејноста на правното лице, без да постои доказ во сметководствената евиденција за нивната економска оправданост.
Со намера да ги прикријат инкриминираните активности, управителите не поднеле завршни сметки за 2022, 2023 и 2024 година до Централниот регистар на РСМ.
Со овие незаконски активности е оштетен буџетот на Република Северна Македонија. Предметот е веќе доставен до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.

