Жителите на Крива Паланка денеска излегоа на протест барајќи безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано го узурпираат градот и прават штета.
На протестот под мотото „За безбедноста, заштитата на имотот и спроведувањето на законот“ оштетените граѓани сведочеа за уништени насади, оштетен имот, материјални загуби и закани, барајќи сигурност за своите семејства и непречено обработување на земјоделските површини.
Градоначалникот Сашко Митовски рече дека ќе остане со граѓаните сè додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде изнесено од градот. Тој потсети дека решенијата се донесени пред повеќе од две и пол години и побара надлежните институции конечно да постапат.
Протестот следува по барањата на Општинскиот кризен штаб за Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. На 18 ноември беа поднесени и кривични пријави, претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и барање за вонреден инспекциски надзор. Главните барања остануваат итно спроведување на донесените решенија, утврдување институционална одговорност и конкретна заштита на граѓаните и нивниот имот.
На протестот имаше и турканици со полицијата, но без поголеми инциденти.

