Голема крвава трага на самиот пат кој од Смилковци води кон Смилковското езеро. Ова е единствениот знак кој кажува дека тука рано изутрина беше пронајден мртов 38-годишниот Един Ш.

Веднаш покрај него бил и неговиот автомобил, марка „мерцедес“. Но автомобилот веќе е отстранет од местото, со оглед на тоа што истражните органи завршиле со увид на местото и веќе сѐ е расчистено.
Телото на Един веќе е предадено на обдукција која ќе треба да даде одговор за причините и околностите за неговата смрт. На неговото тело имало прострелна рана, но во ногата, и затоа сѐ уште е нејасно дали таа прострелна рана била кобна за него.

Пријавата за пронајдено безживотно тело во СВР Скопје пристигнала рано наутро, во 06:15 часот.
-Веднаш по пријавата полициски службеници од СВР Скопје се упатени на лице место, при што е утврдено дека лицето е Ш.Е.(38) од с. Љубин, скопско. Во близина на телото е пронајдено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал. Од Итна медицинска помош констатирана е смрт, при што е забележана прострелна повреда во пределот на ногата, соопштија од МВР.


