Филипче и СДС се обидуваат од ништо да направат скандал со Алта банка, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
На прес-конференцијата пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Филипче и СДСМ се обидувале да претстават некаква си тајна зделка.
-Филипче и СДС повторно обвинуваат за некаков скандал, односно јавната аукција сакаат да ја претстават како некоја тајна зделка. Постапката е јавно објавена. На продажба се над 95 проценти од акциите, преку Македонската берза. Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Јавно се објавени и датумите и правилата за следните аукции. Тоа се факти што секој може да ги провери, вели Манасиевски.
Уверува дека власта нема да дозволи пропаѓање на банка.
-И кога ова ќе се докаже за некоја недела, нема да добиеме ниту извинување од СДС ниту пак одговорност за ширење на хистерија и паника. Филипче и СДС повторно се обидуваат преку лажни вести и манипулации да создадат недоверба кај граѓаните. Едно е јасно. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи пропаѓање на банка, ниту пак загрозување на стабилноста на банкарскиот систем. Граѓаните да бидат спокојни, рече Манасиевски.

