Во Собранието денеска почнува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година. Расправата ќе се води во Комисијата за финансирање и буџет, а седницата е закажана за 11:30 часот. До Комисијата се поднесени над 300 амандмани.
Во изминатите денови, за време на општата расправа, пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека предложениот буџет претставува основа за одговорно управување со јавните финансии, одржување на макроекономската и финансиската стабилност, како и навремено исполнување на обврските кон граѓаните.
Според власта, станува збор за развоен буџет кој треба да поттикне економски раст, да обезбеди поголеми капитални инвестиции и да придонесе за подобрување на животниот стандард.
Од опозицијата, пак, сметаат дека владините проекции не ја одразуваат реалната економска состојба во државата. Тие предупредуваат дека зголемените дефицити и задолжувања ја доведуваат во прашање развојната компонента на буџетот, посочувајќи дека капиталните расходи се недоволни и дека најавените инвестиции не се соодветно покриени со финансиски средства.
Според предложената буџетска рамка за 2027 година, вкупните приходи се проектирани на 395,4 милијарди денари, што претставува раст од 5,7 проценти во однос на 2026 година. Вкупните расходи се планирани на 440,4 милијарди денари, односно 4,8 проценти повеќе во споредба со претходната година.
Буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари, што претставува 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), во согласност со Фискалната стратегија за периодот од 2027 до 2031 година.
За капитални инвестиции се планирани 40,8 милијарди денари, додека даночните приходи се очекува да достигнат 223,1 милијарди денари, со проектиран раст од 6,4 проценти.
За социјални трансфери се предвидени вкупно 220,8 милијарди денари, што е зголемување од 4,1 процент. Од оваа сума, 123,8 милијарди денари се наменети за исплата на пензиите, односно 4,8 проценти повеќе во однос на претходната година, согласно законското усогласување.

