Платите на припадниците на Армијата и вработените во одбраната ќе се зголемат за 10 проценти од 1 јануари 2027 година. Ова го најави министерот за одбрана Владо Мисајловски, посочувајќи дека станува збор за најголемото покачување досега изразено во апсолутна вредност.
Со зголемувањето ќе порасне основната плата, но и останатите компоненти што влегуваат во вкупните месечни примања на вработените.
Мисајловски истакна дека договорот е резултат на соработката со синдикатите и заложбите за подобрување на статусот и условите за работа на припадниците на Армијата и одбраната.
Дополнителни средства за оваа намена се предвидени и со новиот буџет, кој веќе поминал на владина седница. Според најавите на министерот, буџетот за одбраната во 2027 година ќе биде зголемен за две милијарди денари.
Покачувањето го поздравија и претставниците на репрезентативните синдикати во одбраната и на професионалните војници, Синиша Станчевски и Аднан Алити, кои изразија задоволство од постигнатиот договор и улогата на социјалниот дијалог во неговото реализирање.

