Изградбата на националниот дата-центар би можела да започне во 2027 година, откако ќе бидат завршени подготовките и ќе се обезбедат потребните финансиски средства. Физибилити-студијата за проектот веќе е изработена, а Владата во моментов бара партнери заинтересирани за негово финансирање и реализација.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информира дека паралелно се работи на урбанизација на локацијата и подготовка на проектната документација. Очекува овие активности да бидат завршени до пролет, по што би се создале услови за следната фаза од проектот.
Андоновски откри дека интерес за инвестирање во дата-инфраструктура покажуваат и компании од приватниот сектор. Во текот на неделава се планирани разговори со две до три компании кои разгледуваат можности за вложување во изградба на нови дата-центри, но и проширување на веќе постојните капацитети.
Министерот се надева дека преку соработка со домашни и странски инвеститори ќе успеат да обезбедат инвестиции во оваа област.
Андоновски се осврна и на минатонеделниот прекин на услугите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тој појасни дека не биле компромитирани внатрешните системи на Фондот, туку проблемот се однесувал на веб-апликацијата, поради што граѓаните привремено имале отежнат пристап до електронските услуги.
Изјавите министерот ги даде на отворањето на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје.

