Од 1 јануари следната година, жените во Хрватска ќе се соочат со построги услови за остварување на правото на старосна и предвремена пензија. Долната старосна граница се зголемува за три месеци, а се подигаат и критериумите за пензискиот стаж потребен за предвремено пензионирање.
Според официјалните податоци од Хрватскиот институт за пензиско осигурување (HZMO), новите правила предвидуваат жените да можат да заминат во редовна старосна пензија со навршени најмалку 64 години и три месеци возраст, под услов да имаат 15 години пензиски стаж.
Измените го опфаќаат и предвременото пензионирање. Како што пренесува хрватскиот портал „Индекс“, за остварување на ова право, жените ќе мора да имаат минимум 59 години и три месеци возраст, како и 34 години и три месеци пензиски стаж.
Во споредба со тековната година, двата клучни услови – возраста и стажот – се зголемуваат за три месеци.
Овој тренд на зголемување на старосната граница ќе продолжи и во наредните години. Проекциите покажуваат дека во 2028 година условот ќе биде 64 години и шест месеци, додека во 2029 година жените ќе можат да се пензионираат на 64 години и девет месеци возраст.

