Во изминатиот период на подрачјето на Штип е регистриран зголемен број пријави за телефонски измами и обиди за измами, чија главна цел се повозрасните лица. Од Секторот за внатрешни работи Штип предупредуваат дека сторителите користат загрижувачки приказни за да изнудат поголеми парични суми.
Според полициските информации, измамниците најчесто се јавуваат од странски телефонски броеви и ги информираат граѓаните дека нивни блиски роднини или внуци наводно се повредени и им е потребна итна операција. Под изговор за наводни медицински трошоци, тие бараат исплата на парични средства.
Загрижените граѓани, верувајќи дека се соочуваат со семејна трагедија, ги предаваат своите заштеди и стануваат жртви на измама.
Од СВР Штип упатуваат апел до јавноста за зголемена претпазливост:
„Доколку добијат сличен повик, веднаш да го пријават случајот на бесплатниот телефонски број 112, за да може надлежните служби да преземат соодветни мерки и да работат на откривање на сторителите.“

