Во текот на оваа седмица времето ќе биде релативно топло, со повремени локални врнежи од дожд, а ваквите услови ќе се задржат до сабота. Промена се очекува во недела, кога под влијание на постудена воздушна маса од север ќе настапи заладување, проследено со стабилизирање на времето.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ветерот ќе биде претежно слаб до умерен, а во петок повремено ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец.
Утринските температури ќе се движат од 4 до 14 степени, додека дневните ќе достигнуваат од 7 до 21 степен.

