Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, но по влажни коловози, информираат од ЈП „Македонијапат“. Возачите кои патуваат кон зимскиот центар Попова Шапка треба да бидат особено внимателни бидејќи на патниот правец село Лисец – Попова Шапка има појава на магла, која ја намалува видливоста до 30 метри.
Промени во режимот на сообраќај има на истокот од државата. На регионалниот пат Р-1302 Берово – Струмица, во близина на селото Ратево, регистриран е поголем одрон. Поради ова, сообраќајот на овој потег се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Иако сите патни правци во државата се проодни, надлежните предупредуваат на можна појава на поситни одрони на патиштата што минуваат низ усеци и клисури. Се апелира на внимателно управување со возилата и приспособување на брзината.

