Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази уверување дека проблемот со македонските транспортери и нивниот престој во Шенген-зоната ќе биде надминат по претстојниот состанок во Брисел на 3 февруари. Тој нагласи дека заедничката дипломатска офанзива на земјите од Западен Балкан го принудила Брисел да го препознае проблемот како сериозен.
„Важно е дека има неколку можни решенија и очекувам да се катализира решение со кое ќе се надмине овој проблем. Решението се наѕира и очекувам следниот месец работата да биде завршена“, изјави Мицкоски по промоцијата на „Еразмус+“ приоритетите.
Премиерот појасни дека по транспортерите, следен предизвик за дипломатијата се квотите за челик, но порача дека владата е подготвена да ги решава сите наследени проблеми континуирано.

