Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата. Од СДСМ велат дека во согласност со потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари, односно 600 евра.

Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување. Особено кај основните прехранбени производи, енергентите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои имаат директно и најсилно влијание врз месечните трошоци на домаќинствата. 

– Поскапувањата кај храната и основните животни продукти, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние што примаат минимална плата. Ова особено се одразува врз најранливите категории работници кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи – нагласуваат од партијата. 

Дополнително, велат од СДСМ, синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.

Според СДСМ, финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари.

– СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии. Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е – се вели во соопштението од СДСМ.

Exit mobile version