Апелациониот суд во Скопје донесе одлука со која ја уважи жалбата на портпаролката на Владата, Марија Митева, и ја поништи првичната пресуда со која таа беше осудена за навреда и клевета. Тужбата против неа беше поднесена од страна на Дарко Каевски, тогашен пратеник на СДСМ, а судскиот процес траеше речиси пет години.
По објавувањето на одлуката, Митева реагираше истакнувајќи дека овој случај за неа претставува суштинско прашање за правдата и слободата на говор. Таа обвини дека во времето кога СДСМ биле на власт, декларативно се залагале за слобода на изразување, но во пракса се обидувале да ја ограничат преку правни конструкции и тужби.
„Наместо аргументи беа користени конструкции, наместо одговори – тужби, а наместо отчетност – обиди за замолчување“, изјави Митева, додавајќи дека нејзините јавни настапи додека била во опозиција секогаш се темелели на факти и внимателно одмерени аргументи.
Според неа, оваа одлука е потсетник дека иако правдата во Македонија е бавна, правото не смее да се користи како алатка за политички притисок, туку како механизам за заштита на слободите.

