Пратеникот од коалицијата Европски фронт, Блерим Беџети, реагираше по соопштението што, како што вели, го добил од Собранието, посочувајќи дека СМС-пораките биле испратени само на македонски јазик. Тој оцени дека во оваа ситуација не се почитува употребата на албанскиот јазик и додаде дека истиот пристап, според него, го применуваат и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, како и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во својата јавна објава, Беџети истакна дека СМС-пораките само на македонски јазик не се „техничка грешка“, туку политички сигнал дека албанскиот јазик се третира како неофицијален. Според него, кога највисоки институции го исклучуваат јазикот дури и од основни комуникации, тоа не е случајност, туку координиран пристап.

Тој оцени дека станува збор за сериозно прашање кое го надминува нивото на политичка дебата и навлегува во доменот на достоинството и уставниот поредок. Беџети предупреди дека занемарувањето на албанскиот јазик во институционалната комуникација може да доведе до негово постепено исклучување и од други процеси, вклучително и од донесувањето одлуки.

„Албанскиот јазик не е декор, туку црвена линија“, порача Беџети, додавајќи дека ваквите појави се неприфатливи и, како што рече, не смеат да поминат без реакција.

Exit mobile version