Гигантот од Кавадарци, „Golden Eagle“ (поранешно ФЕНИ), повторно ги отвора вратите за работниците. Како што соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, рестартирањето на фабриката ќе се одвива во две фази, со што се решава егзистенцијата на стотици семејства во регионот.
Според планот, во првата фаза на работа ќе се вратат 170 работници, додека во втората фаза ќе бидат вклучени дополнителни 500 лица.
„Во април е планиран почетокот на производството на никел, при што производствените печки ќе бидат ставени во функција. Оваа фабрика повторно се активира за доброто на граѓаните и локалниот економски развој“, истакна Јанчев.
Градоначалникот упати благодарност за успешната соработка со Владата, премиерот Мицкоски, Комерцијална банка и раководството на компанијата, што овозможи надминување на пречките за повторно вклучување на печките.

