Влажни коловози и умерена фреквенција на возила се бележат на патиштата низ земјава. Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот се одвива без поголеми проблеми, а на граничните премини нема значителни чекања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат внимателни зад воланот, да ја приспособат брзината според состојбата на коловозите и доследно да ја почитуваат сообраќајната сигнализација.
Дополнителна внимателност е потребна на патиштата што минуваат низ клисури, речни долини и котлини, каде што има ризик од одрони. Возачите особено треба да внимаваат на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.


