Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерот на Народната банка Трајко Славески остварија средби со претставници на Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, што годинава се одржуваат во Бангкок, Тајланд.
Димитриеска-Кочоска разговарала со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на ИФЦ за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор на Светската банка за групата земји во која членува Македонија, Јуџин Ругенат.
Во фокусот на разговорите биле тековните проекти во земјава, досегашната соработка со меѓународните финансиски институции и можностите за нови инвестиции и поддршка на реформите.
Според Министерството за финансии, Рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година предвидува финансиска и техничка поддршка за Македонија во износ од околу 700 милиони долари. Акцентот бил ставен на забрзување на проектите, поефикасно користење на средствата и постигнување конкретни резултати во економијата и јавните услуги.
Разговорите со претставниците на ИФЦ биле насочени кон поттикнување приватни инвестиции, подобрување на деловното опкружување, поддршка на зелената транзиција и зајакнување на конкурентноста на домашната економија.
Димитриеска-Кочоска истакнала дека Владата останува посветена на реформите, макроекономската стабилност и подоброто управување со јавните финансии. Од Светската банка ја потврдиле подготвеноста за продолжување на финансиската и експертската поддршка за развојните приоритети на земјата.
Во меѓувреме, гувернерот на Народната банка Трајко Славески разговарал со Басани и Ругенат за интегрирањето на македонскиот финансиски систем во европската платежна инфраструктура.
Посебен акцент бил ставен на воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, неговото поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интеграцијата со системот ТИПС на Европската централна банка.
На средбите било посочено и значењето на приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Според Славески, една година по приклучувањето, СЕПА станала важен канал за прекугранични плаќања во евра, со придобивки за граѓаните, компаниите и економијата во целина.


