Православните верници денеска го одбележуваат празникот Покров на Пресвета Богородица, посветен на нејзиното постојано застапништво и заштита на христијанскиот народ.

Според црковното предание, празникот потекнува од настан во Цариград, во црквата „Влахерна“, каде што во текот на ноќно бдение во 911 година, свети Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј имале видение на Пресвета Богородица како го покрива народот со својот омофор и се моли за спасение на светот.

Овој настан станал основа за празнувањето, кое потсетува на верувањето дека Богородица со своите молитви ги застапува верниците пред Бога и им пружа духовна утеха во тешките моменти.

Празникот ја нагласува надежта и довербата во нејзината заштита, која, според православното предание, ги опфаќа и поединците и целиот христијански народ, во време на мир и во време на искушенија.

Во народните верувања, празникот се поврзува со почитта кон жената и семејството. Според традицијата, денот треба да помине во спокојство, молитва и време поминато со најблиските, а се избегнуваат напорни домашни обврски и тешка физичка работа.

Особено внимание му се посветува на молитвеното обраќање кон Пресвета Богородица. Жените и девојките одат во црква, палат свеќи и се молат за здравје, семејна среќа, брак и потомство. Во некои краишта е зачуван и обичајот утрото да се измие лицето со чиста или осветена вода, како симболична желба за здравје, убавина и благосостојба во домот.

Exit mobile version