Министерот за здравство Сашо Клековски веќе остварил средба со медицинските тимови во Белград, а в понеделник ќе патува за Софија со цел да се прецизираат деталите за понатамошното лекување и сложените оперативни зафати за младите кои беа повредени во кочанската дискотека „Пулс“.

Клековски денеска, по посетата на Клиничката болница во Штип, информираше дека за следната недела е планирана и негова директна средба со повредените во Кочани.

Во понеделникот бев во Белград и имав средба со министерот Лончар за да ги прецизираме деталите. Следната недела, в понеделник, ќе бидам во Бугарија на средба во Софија со нивната министерка. Очекувам со тоа да ги финализираме ставовите за следната фаза на лекување на повредените од Кочани. Следната недела планирам да одам во Кочани, да имам средба со повредените и да им соопштам каков е планот – изјави Клековски по посетата на штипската болница.

Со оваа дипломатско-медицинска координација се очекува целосно да се дефинира планот и временската рамка за сложените медицински интервенции и рехабилитацијата на повредените пациенти.

Exit mobile version